Декорирање околу црвен мебел

Лесно е да се дизајнира соба околу мебел во неутрални бои, но декорирањето околу енергичната црвена боја на гарнитура може да биде навистина предизвик. Црвената боја е силна, со што мебелот во оваа боја ќе доминира во дневната соба. Основен начин на уредување околу црвениот мебел е истиот да се третира како точка на фокус во собата, користејќи доста неутрални бои во останатиот дел од собата со што црвената боја на еден начин ќе се “смири“

Ѕидовите и подовите се кулиси на тапацираниот мебел, па употребете неутрални тапети или килими за подовите. Беж, крем или златна се неутрални бои кои одлично се вклопуваат со светло црвената боја. Избегнувајте смели бои во истата просторија бидејќи може да креираат визуелен конфликт. На пример, доколку комбинирате светло црвена гарнитура со зелена фотелја, боите може да изгледаат како да вибрираат и на еден начин да креираат тензија во собата.

Внимантелно додавајте други бои во дневната соба, бидејќи премногу бои може да ја презаситат собата. Балансирајте ја црвената боја со додавање на мали детали во црвена боја низ целата соба, како што се мали перници, завеси или чаршави на масата.

Доколку станува збор за темно црвена или вишна боја, тиркизната боја ќе внесе баланс во собата. Боите кои се блиски на црвената, како што се портокаловата, жолтата или виолетовата може значително повеќе да ги искористите низ целата соба отколку тиркизната.

Не е само бојата на гарнитурата која го дефинира стилот на собата, тука допринесуваат и текстурите и формите. Црвено-белите перници со риги потсетуваат на куќа покрај плажа, додека пак цветните дезени го овозможуваат топлиот амбиент на планинските колиби. Црвено-црните дезени секако креираат азиски амбиент во просторијата. Координирајте ги декорациите, неутралните перници ставете ги на црвената гарнитура, додека пак црвените перници ставете ги на мебелот со неутрални бои.

Доколку мебелот е во кожа, искористете го нежниот штоф за перници, ќе внесе одличен баланс.

Внесете различни извори на светлина во просторот. Клучот е да се има барем три извори на светлина или повеќе доколку собата е поголема. Внимавајте при избор на сијалици затоа што знаат да даваат различна нијанса на светлина со што бојата на гарнитурата под светлината може да изгледа поинаку.

Доколку сакате да ја нагласите топлата страна на црвената боја, внесете кафени или беж нијанси како декорации околу дневната соба. Доколку пак сакате да креирате ладен изглед, светло сивата, белата па дури и сосема малку од црната боја може да изгледаат одлично околу црвениот мебел. На овој начин ќе добиете одлично балансирана и декорирана соба.