Како да препознаете мебел изработен во кожа

Мебелот во кожа отсекогаш бил класика. Иако дизајните и стиловите се менуваат, нема сомнеж дека мебелот во кожа ќе изгледа безвремено без многу напор. Но при избор на кожна гарнитура сепак постојат работи на кои треба да се внимава. Како прво и основно, осигурајте се дека кожата е вистинска.

Доколку поседувате некое основно познавање за кожа би требало да биде лесно да се открие дали кожата е вистинска или не е. Главните карактеристики кои би требало да ги барате вклучуваат повеќе елементи.

На пример, би можеле да ја погледнете задната страна на мебелот.Доколку е видливо, можете да проверите дали е едно големо парче или неколку помали зашиени едно со друго. Едно парче кожа во просек би требало да биде од едно до две метра, па доколку погледнете голема гарнитура која е изработена во едно парче кожа, може да бидете сигурни дека не е вистинска.

Секако, доста често е лесно да се препознае оригинална кожа од вештачка едноставно визуелно. Но, понекогаш и тоа може да биде погрешно. Не постои гаранција ни дека доколку мебелот е скап, кожата е оригинална. Исто така, висок квалитет не секогаш значи и долготрајност, затоа што постојат повеќе видови на кожа.

Па така, подобро е да не се потпирате само на цената. Секогаш побарајте повеќе информации од произведителот за кожата во која е изработен мебелот.

Вистинската кожа може да ја препознаете и по текстурата и мирисот. Би требало да биде мека на допир и да има специфична арома која е богата и привлечна наспроти вештачката кожа која има непријатен мирис на хемикалии.

Погледнете ја текстурата и побарајте варијации. Доколку е насекаде иста, веројатно е вештачка. Речиси секогаш кожата покажува разлики, дури иако е корегирана.

Доколку имате можност, погледнете ја задната страна на кожата. Доколку изгледа недовршено и нема боја тогаш најверојатно е вистинска.

Вештачката или еко кожа побрзо се оштетува и е по краткорајна. Избирањето на мебел кој секојдневно ќе го користите во еко кожа може да биде погрешна одлука.